Исхемичната срцева болест (ИСБ) е збирен термин за заболувања кај кои недоволното снабдување со крв (медицинскиот термин е исхемија ) на срцевиот мускул игра главна улога во развојот на болеста.
Во развиените индустриски земји, исхемичната срцева болест е водечка причина за смрт со децении. Иако смртноста како резултат на акутни заболувања, на пример, миокарден инфаркт , е намалена, распространетоста и смртноста од хронични заболувања, како што е срцевата слабост, се зголемуваа. Во моментов, секоја четврта смрт е предизвикана од исхемична срцева болест. СЗО предвидува дека до 2020 година, исхемичната срцева болест ќе стане водечка причина за смрт не само во развиените општества, туку и во земјите од третиот свет, т.е. во целиот свет.1
Коронарни артерии
Коронарните артерии се крвни садови што го снабдуваат со крв срцето и неговите мускули, опкружувајќи го срцето како круна. Овие артерии ги снабдуваат клетките на срцевиот мускул со крв богата со кислород. Нездравиот начин на живот - исхрана богата со масти, пушење, слаба физичка активност - може да доведе до создавање на масни наслаги наречени плаки на внатрешните sидови на коронарните артерии, спречувајќи го протокот на крв. Ова го намалува снабдувањето со крв и спречува испорака на доволно кислород до срцевиот мускул. Нерамнотежата помеѓу потребниот и испорачаниот кислород, доведува до слаба циркулација, односно исхемија во срцевиот мускул. Долготрајната, тешка исхемија доведува до изумирање на дел од срцевиот мускул, додека привремениот недостаток на кислород предизвикува исхемија на срцевиот мускул. Исхемијата може да се манифестира на различни начини. Исхемијата на срцевиот мускул може биде проследена со симптоми ( ангина пекторис , нарушувања во создавањето на сигнали и/или во пренесувањето на сигнали, акутна срцева слабост или нагла смрт)2. Развојот на различни форми на болеста во голема мера зависи од времетраењето на исхемијата и природата на настанатото функционално оштетување.
Трендови во светот
Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смрт и кај мажите и кај жените. Тие предизвикуваат 31,5% од сите смртни случаи и 45% од смртноста предизвикана од сите незаразни заболувања заедно, двојно повеќе од смртните случаи заради карцином и многу повеќе од комбинацијата на сите заразни, матернални, неонатални и нутритивни пореметувања.7
Предупредувачки знак: болка во градите
Болката во градите предизвикана од исхемичната срцева болест е еден од најважните симптоми за недоволно снабдување со крв на срцевиот мускул. Сепак, важно е да се знае дека може да дојде до исхемија на срцевиот мускул и без да се почувствува некаква болка во градите - ова се нарекува тивка исхемија. Болката во градите која трае пократок временски период, помалку од 20 минути, главно се поврзува со ангина пекторис, додека подолготрајната болка која трае повеќе од 20 минути може да биде знак за миокарден инфаркт . Болката во градите и непријатноста во градите се многу чести симптоми и може да бидат предизвикани од широк спектар на заболувања, но не мора да значи дека овие симптоми се секогаш поврзани со заболувања на срцето. Тие би можеле да означат бенигни абнормалности, но и многу сериозни состојби кога навремената реакција е од суштинско значење за успешноста на третманот. Непријатностите и симптомите се многу субјективни, во зависност од возраста на пациентот и од многу други фактори. Некои податоци сугерираат дека мажите и жените различно ја оценуваат својата состојба. Истата клиничка состојба се чувствува како најстрашна болка во градите од страна кај некои пациенти, а други се жалат само на мал притисок во градите. Вегетативните симптоми, кои се појавуваат заедно со непријатностите или болката во градите, обично се знак за сериозно заболување. Жените кои доживуваат инфаркт се жалат на гадење, повраќање и краток здив почесто од мажите, додека мажите почесто спомнуваат зголемено потење. Симптомите варираат кај секој поединечно и може да вклучуваат болка и притисок во градите, отежнато дишење, тежина во градите или блага непријатност. Болката може да се шири кон рацете, брадата, вратот или грбот. Симптомите може да бидат ненадејни и акутни или може да се појавуваат постепено или периодично3.
Болка што се менува како што пациентот дише, ја менува положбата или кога јаде или болка што се појавува во одреден дел на ѕидот на градниот кош или е придружена со чувствителност на притисок, обично се знак за помалку сериозна состојба. Симптомите кои спречуваат нормална активност или кои се проследени со ладна пот, гадење, повраќање, вртоглавица или необјаснето чувство на страв обично се знаци на посериозна состојба.4
Секоја минута е важна
Непријатноста и другите симптоми на градниот кош предизвикани од исхемична срцева болест не мора да се појавуваат на драматичен начин. Доста често, тие се појавуваат постепено, полека, чекор по чекор, или може да варираат. Понекогаш тие се забележуваат не како болка, туку како чувство на притисок, печење или слабост, што ги наведува пациентите да чекаат подолго пред да побараат помош. Проблемот со ова е, што потрошеното време го скратува раниот временски период што е од најголемо значење за успешно лекување. Досегашното искуство покажува дека ако симптомите се појават дома, пациентите чекаат подолго, отколку ако ги доживеат на јавно или на работното место. Ако симптомите се сериозни, пациентите се склони брзо да побараат лекарска помош. Исто така, лицата кои повикуваат брза помош обично се во полоша состојба од оние кои прво го контактираат матичниот лекар. Важно е да се биде свесен дека симптомите во градите може да бидат знаци на сериозна, животозагрозувачка состојба, и не треба да чекате да поминат сами од себе, туку треба веднаш да се јавите на лекар или да побарате итна медицинска помош.
Исходи на болеста
Колку поефикасно се лекуваат пациентите со коронарна артериска болест, толку подоцна може да настане инфаркт. Ангина пекторис може да доведе до изумирање на дел од срцевиот мускул или инфаркт и како резултат на тоа да се појави срцева слабост. Стапката на смртност во болнички услови е поврзана со возраста на пациентот и се движат во рамките од 4-10% кај пациентите со акутна срцева слабост. Долготрајното преживување кај пациентите по епизода на акутна срцева слабост е исто така мало и стапката на смртност по 5 години изнесува 70%.5 СЗО предвидува дека до 2020 година, исхемичната срцева болест ќе биде водечка причина за смрт во целиот свет, вклучително и во земјите во развој.1 Ова значи многу голем број смртни случаи, што треба да поттикне исклучително сериозна медицинска и општествена одговорност. За да се избегне сето ова, клучна е превенцијата. Треба да се напомене дека за таа цел, луѓето со повеќе фактори на ризик треба да се сметаат како пациенти, дури и ако немаат симптоми и ако нивниот ЕКГ стрес тест е негативен. Ова е затоа што артеријата може целосно да се блокира без претходен симптом, како што е случај со 60% од инфарктите.
Превенција
Ние сме во состојба да ги контролираме повеќето традиционални фактори на ризик, иако не сите. Денес, честопати гледаме дека луѓето премногу работат и водат стресен живот за да живеат удобно и да имаат финансиска безбедност. За жал, заради тоа, контролата на кардиоваскуларните фактори на ризик - редовна физичка активност, прекин со пушење и здрава исхрана - се ставаат во втор план. Многу луѓе имаат втора или трета работа или почнуваат да пушат или да пијат алкохол заради стрес и никогаш не размислуваат да почнат со физичка активност во нивниот секојдневен живот. Заради ова, многу е важно секој да биде свесен за опасноста од исхемичната срцева болест.
Промената во начинот на живот е предизвик за многу луѓе, дури и кога тие точно знаат што треба да направат. Сепак, советите за здрав начин на живот се корисни само доколку лицата што се советувани свесно преземаат активни чекори за превенција . Целта на кардиоваскуларната превенција е да се намали фреквенцијата на први и повторни клинички настани поврзани со исхемични заболувања, особено во однос на развој на инвалидитет и рана смрт. Ова може да се постигне со промена на факторите на ризик поврзани со начинот на живот, справување со клучните фактори на ризик со специфични и индивидуализирани методи и со земање на одредени лекови.
Според последните водачи на Европското кардиолошко здружение за дијагноза и менаџмент на хроничен коронарен синдром, следниве препораки се применуваат за сите лица кои имаат кардиоваскуларни заболувања6:
- Здрава исхрана: намален внес на заситени масти и холестерол, а зголемен внес на омега-3 масни киселини (риба), овошје, зеленчук и целозрнести житарки.
- Престанок на пушење: Покрај редовните лекарски консултации, терапијата за замена на никотин (гуми за џвакање, лепенки) или друга фармакотерапија може да помогне во прекин со пушењето.
- Физички вежби: во форма на умерено интензивни аеробни физички вежби прилагодени на индивидуалните потреби, најмалку пет пати седмично, со оптимално траење од 30 до 60 минути. Сите постинфарктни пациенти треба, доколку е можно, да учествуваат во рехабилитациска програма за вежбање додека се хоспитализирани или како амбулантни пациенти.
Референци:
- (1) World Health Organization. Global Health Estimates Summary Tables: Projection of death by cause, age, and sex, by world bank income group and WHO region. Available at: https://www.who.int/healthinfo/global_burden_disease/GHE_DthWHOReg6_Proj_2016_2060.xlsx [accessed 15 June 2020]. Return to content
- (2) Grech ED. Pathophysiology and investigation of coronary artery disease. BMJ. 2003;326(7397):1027-1030. doi:10.1136/bmj.326.7397.1027. Return to content
- (3) Jameson JL et al., eds. Ischemic heart disease. In: Harrison's Principles of Internal Medicine. 20th ed. The McGraw-Hill Companies; 2018. Available at: https://accessmedicine.mhmedical.com/content.aspx?bookid=2129§ionid=192029847 [accessed 15 June 2020]. Return to content
- (4) Pollack CV, Perman SM. Chest Pain in the Emergency Department: Differential Diagnosis. Available at: https://www.thecardiologyadvisor.com/home/decision-support-in-medicine/cardiology/chest-pain-in-the-emergency-department-differential-diagnosis [accessed 15 June 2020]. Return to content
- (5) Cowie M, et al., Heart Failure Association of the ESC. Improving care for patients with acute heart failure. Before, during and after hospitalisation. 2014. Available at: http://www.oxfordhealthpolicyforum.org/reports/acute-heart- failure/improving-care-for-patients-with-acute-heart-failure [accessed 15 June 2020]. Return to content
- (6) Knuuti J, Wijns W, Saraste A, et al. 2019 ESC Guidelines for the diagnosis and management of chronic coronary syndromes. Eur Heart J. 2020;41(3):407-477. doi:10.1093/eurheartj/ehz425. Return to content
- (7) Nick Townsend et al; Cardiovascular disease in Europe: epidemiological update 2016; European Heart Journal, Volume 37, Issue 42. Return to content
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.