Повеќе секс може позитивно да влијае на кардиоваскуларниот систем

Повеќе секс може позитивно да влијае на кардиоваскуларниот систем

Луѓето со срцеви проблеми честопати се во дилема дали да имаат секс или не. Многумина не знаат дека ако состојбата не е многу сериозна и откако ќе се направи прилагодување на лековите, сексот всушност и се препорачува.1

Имено, редовниот секс е добар за кардиоваскуларниот систем.

Побарајте од Вашиот лекар да Ви каже колку напор може да издржи Вашето срце со препишаната терапија со лекови, откако сте доживеале кардиоваскуларен настан, на пример, срцев инфаркт .

Повеќе секс може позитивно да влијае на кардиоваскуларниот систем

Издржливост

Капацитетот за физички перформанси е од клучно значење во случајов: сексуалната активност е еквивалентна на блага до умерена физичка активност во ранг од 3 до 5 MET, земајќи го во предвид индивидуалниот капацитет за физичка активност. MET е мерка за физичка активност , при што 1MET е еквивалент на седење, а бавното одење претставува 3-4MET.  Потрошувачката на енергија за време на сексуалниот однос е еквивалентна на пешачење со брзина од 5 км на час. Очигледно, постојат голем број фактори кои влијаат на потрошувачката на енергија, како што е позицијата, типот, интензитетот и времетраењето на сексуалниот однос, како и возраста и телесната тежина на учесниците. Научни податоци покажуваат дека просечната потрошувачка на енергија за време на сексуална активност кај млади лица изнесува 101 kcal или 4.2 kcal/минута кај мажите и 69 kcal или 3.1 kcal/минута кај жените. Потрошувачката на енергија од сексуална активност била значително поголема кај мажите во споредба со жените. Како дополнение на ова, просечниот интензитет изнесувал 6.0 METS кај мажите и 5.6 METS кај жените, што претставува умерен интензитет согласно Американскиот колеџ за спортска медицина (ASCM) (умерена: 3-6 METS).2 Сексуалната активност е разумна опција за пациенти кои можат да вежбаат >3 до 5 METS без да добијат ангинозна болка, прекумерен губиток на здив, исхемични промени, модрило, намален крвен притисок или пореметен срцев ритам.1 Сексот е безбеден за пациенти со коронарно срцево заболување ако тој/таа нема симптоми и може да се искачи два спрата по скали без да добие напад на ангинозна болка. Бидејќи толеранцијата на напор варира индивидуално, се препорачува да се направи стрес-тест пред сексуален однос.1 Сексот е физичка активност и го намалува ризикот од срцеви заболувања. Корисно е да се знае дека повремениот напор е опасен, но срцева рехабилитација и редовна физичка активност може да биде од корист заради намалување ризик од кардиоваскуларни компликации при сексуална активност кај пациенти со кардиоваскуларни болести.1

Кога е безбедно, а кога не?

Проценката на ризик, направена од кардиолог , е од суштинско значење за да се процени дали е безбедно лицето да има сексуален однос.1

Кај пациентите со лесна стабилна ангина , контролирана хипертензија или историја на успешна срцева операција им се дозволува да имаат сексуални односи.1,3 

Сексуална активност е разумна ако се спроведува 1 или повеќе недели после некомплициран миокарден инфаркт , доколку пациентот нема срцеви тегоби при лесна до умерена физичка активност 1 или при лесно заболување на залистоците и при рана фаза I на срцева слабост , по консултација со лекар.1,3

Сексуалниот однос може да претставува голем ризик за пациенти со нестабилна ангина или ангина што не реагира на лекови1. Висок ризик имаат и пациентите со тешка аритмија . Тие треба да се воздржуваат од сексуални односи сè додека не се стабилизира нивната состојба и не се преместени во категорија на понизок ризик. Сексуалните односи може да се продолжат само по повторна проценка на ризикот1,3 и со третман на еректилна дисфункција.

Еректилна дисфункција

Многу пациенти од машки пол се загрижени за немоќта во спалната. Оваа загриженост не е целосно неоснована, бидејќи еректилна дисфункција имаат половина од пациентите со срцево заболување и до 80% од пациентите со сериозно заболување на левата комора. Покрај тоа, сексуалните проблеми може да се влошат како што напредува срцевата болест. Сепак, ова не е причина да се откажеме од оваа активност од која имаме ментални и физички придобивки. Постојат комерцијално достапни лекови за третман на еректилната дисфункција, кои се погодни и за лица со срцеви заболувања. Кардиологот одговорен за прилагодување на лековите на пациентот може да посочи кои лекови може да се земаат во комбинација со постоечката терапија . Важно е да се сфати дека лековите за срце што најчесто се користат за ангина пекторис и содржат нитрати не смеат да се комбинираат со одредени лекови против еректилна дисфункција, таканаречените инхибитори на фосфодиестераза1, затоа што тие може да предизвикаат драстичен пад на крвниот притисок што може да доведе до колапс на циркулацијата. Постојат и други видови на лекови, како што се одредени лекови против хипертензија или третмани за бенигно зголемување на простатата кои имаат спротивни дејства на лековите за еректилна дисфункција или предизвикуваат пациентот да не се чувствува добро заради падот на крвниот притисок.

Многу е важно пациентот да не се срами и да ги споделува своите сексуални проблеми со лекарот за да добие соодветни таблети за третман на еректилната дисфункција. Кардиологот може да ги прилагоди лековите на пациентот така што тие ќе ги решат проблемите со ерекцијата наместо да ги влошат и ќе се избегнат сериозни последици од мешање на лековите.

Еректилната дисфункција претставува голем проблем за општеството ако се земе предвид неговата преваленција и влијанието врз квалитетот на живот, а претставува и фактор на ризик за кардиоваскуларни болести, деменција и севкупна смртност.3 Заради ова, исклучително важна е превенцијата. Секојдневното вежбање е исто толку битен дел од превенцијата, како и здравата исхрана.4 Редовните сексуални односи пружаат двојни придобивки: покрај тоа што го подобруваат квалитетот на вашиот живот и живеете исполнето, позитивно влијаат и на кардиоваскуларниот систем. Најдобар начин за превенција на еректилната дисфункција е да изберете соодветен стил на живеење и успешно да се справувате со било кои постоечки здравствени проблеми.5 Нема потреба да се лишувате од сексот.

Референци:

  • (1) Levine GN, Steinke EE, Bakaeen FG, et al. Sexual activity and cardiovascular disease: a scientific statement from the American Heart Association. Circulation. 2012;125(8):1058-1072. doi:10.1161/CIR.0b013e3182447787. Return to content
  • (2) Frappier J, Toupin I, Levy JJ, Aubertin-Leheudre M, Karelis AD. Energy expenditure during sexual activity in young healthy couples. PLoS One. 2013;8(10):e79342. Published 2013 Oct 24. doi: 10.1371/journal.pone.0079342. Return to content
  • (3) Mornar Jelavić M, Krstačić G, Perenčević A, Pintarić H. Sexual Activity in Patients with Cardiac Diseases. Acta Clin Croat. 2018;57(1):141-148. doi:10.20471/acc.2018.57.01.18. Return to content
  • (4) Kessler A. The global prevalence of erectile dysfunction BJU Int. 2019 Jul 2. doi: 10.1111/bju.14813. Online ahead of print. Return to content
  • (5) Mayo Clinic Staff. Erectile Dysfunction – Symptoms & Causes. (2020) Available at: https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/erectile-dysfunction/symptoms-causes/syc-20355776 [accessed 30 June 2020]. Return to content

поврзани статии:

Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.

 

Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2

ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.