Дали некогаш сте добиле лабораториски резултати што не сте можеле да ги протолкувате? Доколку е така, оваа статија ќе Ви биде од корист. Во оваа статија е даден краток преглед на мерните единици и целните вредности на трите најважни вредности за здравјето на срцето: гликозата (шеќерот во крвта), холестеролот во крвта и крвниот притисок.
Кој и како ги одредува целните вредности?
Целните вредности за гликоза и липиди во крвта и за крвниот притисок се засновани врз препораки од меѓународни и национални професионални здруженија. Овие препораки редовно се ажурираат според резултатите од најновите истражувања.
Кои се целните вредности за крвен притисок, гликоза и холестерол во крвта?
Целни вредности на крвен притисок
Крвниот притисок се мери во милиметри живин столб (mm Hg) и се претставува со две цифри.
- Систолен крвен притисок: притисок во главната артерија на раката кога срцето се контрахира.
- Дијастолен крвен притисок: притисок кога срцето мирува помеѓу отчукувањата.
Европските препораки наведуваат дека крвниот притисок повисок од 140/90 mm Hg се смета за хипертензија или висок крвен притисок . Кај пациенти на возраст помеѓу 18 и 65 години, целната вредност на крвниот притисок изнесува < 130/80 mm Hg, но кај постари пациенти (над 65 години возраст), препорачана е различна целна вредност: 130–139/70–79 mm Hg. Придружните болести исто така може да влијаат врз целните вредности.(1,2,8) Категориите на крвен притисок се прикажани на слика 1.
Категории на крвен притисок1 (врска за слика)
Слика 1
Целни вредности на гликоза
Нивото на шеќерот во крвта претставува количество на гликоза измерена во крвната плазма во одреден временски момент. Со цел малку подобро да ги разбереме лабораториските резултати, дозволете да ги образложиме целните вредности подетално.
- HbA1c ( хемоглобин A1c) - претставува тест со кој се мери просечното ниво на шеќер во крвта во последните 3 месеци.
- Ниво на гликоза - измерено како mmol/литар или mg/0,1 литар.
- Ниво на гликоза на гладно - нивото на шеќер во крвта се мери најмалку 12 часа по последниот оброк.
- Ниво на шеќер во крвта после оброк - овој тест најчесто се користи за време на лекување на некоја болест. Се мери 1,5 до 2 часа по јадење.
- Орален гликоза толеранс тест (OGТT): За овие тестови, нивото на шеќер во крвта се мери пред и 2 часа по консумирање на специјален орален раствор на гликоза.3,9
На слика 2 се прикажани вредностите на гликоза кои вреди да се имаат предвид. Третманот на заболувања каде што нивоата на шеќер во крвта се повисоки од целните вредности е секогаш прилагоден според поединецот; Вашиот лекар ќе ги разгледа поврзаните болести и некои други фактори.
* Овие препорачани нивоа на гликоза во крвта се нарекуваат „целни вредности“. Вашата лична целна вредност може да биде повисока или помала. Персоналот или Вашиот матичен лекар ќе помогне да Ве упати за да се одреди целната вредност на шеќерот во крвта во Вашиот случај. За лекувањето на дијабетесот да биде успешно, важно е нивото на шеќер во крвта да биде блиско до нормалното ниво. Вредностите кои се овде наведени се применуваат за толкување на резултатите од лабораториските тестови.
Слика 2
Целни вредности на холестерол
Нивото на холестерол е показател за присуство на липиди во крвта. Во лабораториските тестови најчесто се испитува следното:
- LDL-холестерол: холестерол со мала густина, „лош“ холестерол
- HDL-холестерол: холестерол со голема густина, „добар“ холестерол
Целната вредност за холестеролот е под влијание на неколку фактори. Тие се користат за дефинирање на категориите на ризик. На слика 3 се прикажани целните вредности за секоја категорија на ризик.
Целни вредности на холестеролот во крвта (врска за слика)8
Слика 3
Зошто континуирано покачените нивоа на гликоза, крвен притисок или холестерол се штетни?
Многу луѓе сметаат дека малку покачените вредности претставуваат проблем. Всушност, постојано покачениот крвен притисок, покачените вредности на гликоза и липиди во крвта се опасни бидејќи не предизвикуваат никакви симптоми подолго време. Овие абнормални нивоа присутни со години, имаат штетен ефект уште од првиот момент. Подоцна, тие може да предизвикаат многу заболувања (на пример: срцев удар ( инфаркт ), мозочен удар, артериско заболување на долните екстремитети, срцева слабост , бубрежно нарушување, формирање на наслаги во крвните садови, слепило, артериосклероза која доведува до ампутација итн.).(5)
Што е со вредностите кои се премногу ниски? Што треба да направите доколку вашиот крвен притисок/гликоза во крвта/холестерол во крвта се ниски?
Кога вашиот крвен притисок или гликоза во крвта се прениски, може да почувствувате одредени симптоми. Нискиот крвен притисок може да предизвика вртоглавица, главоболка, а во потешки случаи и привремено бессознание,(6) додека ниските вредности на гликоза во крвта предизвикуваат низа предупредувачки знаци во телото: екстремна глад, палпитации, потење и треперење. Исто така може да почувствувате нервоза и раздразливост. Доколку тоа се случи, а не јадете храна богата со јаглехидрати, симптомите може да се влошат. Може да почувствувате главоболка, вртоглавица, потешкотии со концентрација и конфузија. Во сериозен случај, може да имате напади и да паднете во кома.(7) Доколку почувствувате вакво нешто, побарајте помош веднаш штом ќе ги почувствувате симптомите.
Кај липидите во крвта е обратно, обемни студии откриле дека колку е пониско нивото, толку е помал ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Кој ги прави прегледите и кој закажува контроли, општиот лекар или специјалистот?
Контролата се одвива на повеќе нивоа. Општите лекари играат клучна улога, бидејќи пациентите најчесто прво се обраќаат кај нив доколку имаат здравствени проблеми. Обично, општиот лекар ги закажува контролите и целните вредности често се постигнуваат на ова ниво. Понекогаш, пациентот може да биде упатен кај специјалист. За долгорочно следење на пациентот можеби ќе биде потребна соработка помеѓу општиот лекар и специјалистот.
Што да направите доколку вашите лабораториски резултати не се идеални?
- Доколку вредностите се малку над препорачаните вредности, на пример, нивото на холестерол или гликоза е малку покачено, прво треба да го промените Вашиот начин на живот. Повеќе вежбање и диета.
- Доколку вежбањето и диетата не резултираат со подобрување на вредностите, Вашиот лекар најверојатно ќе препорача лекови. Треба да продолжите да ги практикувате сите промени во вашиот животен стил што веќе се воведени! (3,4)
- Постојат состојби во кои веднаш се неопходни лекови, на пример, при крвен притисок над 180/110 mm Hg(2) или HbA1c вредност над 8–8,5 %.(3)
- Честопати, потребно е долго време за да се постигнат целните вредности, така што лабораториските тестови треба да се повторуваат во редовни интервали.
- Задолжително земајте ги лековите што Ви ги препишал Вашиот лекар! Не очајувајте доколку веднаш не почувствувате промена. Позитивните ефекти од терапијата стануваат очигледни на долг рок.
PP-ASP-MK-0143-1 05.12.2022
References
- (1) 2018 ESC/ESH Guidelines for themanagement of arterial hypertension, European Heart Journal (2018) 39, 3021–3104 Return to content
- (2) Williams B, Mancia G, Spiering W, et al. 2018 ESC/ESH Guidelines for the management of arterial hypertension [published correction appears in Eur Heart J. 2019 Feb 1;40(5):475]. Eur Heart J. 2018;39(33):3021‐3104. doi:10.1093/eurheartj/ehy339. Return to content
- (3) 2019 ESC Guidelines on diabetes, pre-diabetes, and cardiovascular diseases developed in collaboration with the EASD, European Heart Journal (2020) 41, 255-323 Return to content
- (4) Mach F, Baigent C, Catapano AL, et al. 2019 ESC/EAS Guidelines for the management of dyslipidaemias: lipid modification to reduce cardiovascular risk. Eur Heart J. 2020;41(1):111-188. doi:10.1093/eurheartj/ehz455. Return to content
- (5) Piepoli MF, Hoes AW, Agewall S, et al. 2016 European Guidelines on cardiovascular disease prevention in clinical practice: The Sixth Joint Task Force of the European Society of Cardiology and Other Societies on Cardiovascular Disease Prevention in Clinical Practice (constituted by representatives of 10 societies and by invited experts)Developed with the special contribution of the European Association for Cardiovascular Prevention & Rehabilitation (EACPR). Eur Heart J. 2016;37(29):2315-2381. doi:10.1093/eurheartj/ehw106. Return to content
- (6) Mayo Clinic Staff. Low blood pressure (hypotension) – Symptoms & Causes. Available at: https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/low-blood-pressure/symptoms-causes/syc-20355465 [accessed 15 June 2020]. Return to content
- (7) Kalra S, Mukherjee JJ, Venkataraman S, et al. Hypoglycemia: The neglected complication. Indian J Endocrinol Metab. 2013;17(5):819‐834. doi:10.4103/2230-8210.117219. Return to content
- (8) 2019 ESC/EAS Guidelines for themanagement of dyslipidaemias: lipid modification to reduce cardiovascular risk, European Heart Journal (2020) 41, 111188 Return to content
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.