Како кафето влијае врз крвниот притисок?

Како кафето влијае врз крвниот притисок?

Кафето е вториот најчесто консумиран пијалак - после водата. Сепак, проценката на здравствените ефекти на кафето е контроверзна. Претежно врз основа на стари студии, некои веруваат дека консумирањето кафе предизвикува почест ризик од висок крвен притисок и кардиоваскуларни болести1-5.
Имајте во предвид дека неодамнешните студии под контролирани услови покажуваат дека умереното консумирање кафе (3-4 шолји на ден) не се смета за штетно или дури може да биде корисно и кај здрави поединци и кај лица со хипертензија5.

 

Интересни факти за кафето

  • Печените зрна кафе се добиваат со печење на зелените зрна кафе, кои пак се добиваат од плодовите на кафе-дрвјата во тропските предели1
  • Ширум светот има повеќе од 80 различни видови на кафе-дрвја. Видовите арабика (Coffea arabica) и робуста (Coffea robusta или Coffea canephora) се најважните за производство на кафето1
  • 70 % од светската потрошувачка на кафе се состои од кафе арабика, а остатокот од кафе робуста1
  • Главната разлика помеѓу кафето арабика и робуста лежи во карактерот на црниот нектар. Кафето арабика има полесен вкус, но постојат неколку различни вкусови, додека кафето робуста има посилен и поуниформен вкус.
  • Кафињата арабика и робуста содржат кофеин. Студиите покажуваат дека кафето робуста е побогато со кофеин од арабика. Во броеви, во просек:
    • 182 милиграми (mg) кофеин се наоѓаат во 100 грама зелено кафе робуста, додека
    • 154 mg кофеин е присутен во 100 грама зелено кафе арабика.1
Содржина на кофеин (mg) на избрани пијалаци

Кафето е повеќе од само кофеин

Погрешно е да се идентификува кафето со кофеинот што го содржи. Всушност, стандардна доза кафе содржи од 80 до 100 mg кофеин. За споредба, еден безалкохолен пијалак со кофеин може да содржи 30 до 40 mg кофеин, додека една шолја со црн или зелен чај може да содржи 30 до 50 mg кофеин, а една доза енергетски пијалак може да содржи 40 до 250 mg кофеин.2 Освен тоа, добро е да се знае дека ниту кафето „без кофеин“ не е целосно без кофеин.
Но, кафето, покрај кофеинот содржи и други состојки, кои можат да имаат благотворно влијание врз човечкиот организам.

 

Кафето содржи1,3,4

  • јаглехидрати,
  • липиди,
  • влакна растворливи во вода,
  • минерали (на пример, калиум, магнезиум),
  • елементи во трагови (на пример, манган),
  • витамини (на пример, витамин Б3),
  • кофеин и сродни молекули (на пример, теофилин и теобромин) и
  • антиоксидантни полифеноли (на пример, хлорогена киселина).3

 

Дали знаевте?

Специфичниот, сложен состав на кафето исто така објаснува зошто само кофеинот има различен ефект врз крвниот притисок од кафето.3

 

Факти за консумирање кафе

Концептот дека кафето е ризичен фактор за развој на висок крвен притисок се смета за застарен. Значи, кафето повеќе не треба да се смета за пијалак што предизвикува висок крвен притисок.4,5
Врз основа на преглед на најновите научни наоди, вклучувајќи ги резултатите од 34 публикации, може да се заклучи следното:

  • Повеќето луѓе пијат 3-4 шолји кафе на ден. Ова е количината која се смета за „најбезбедна“ количина на кафе дневно. Студиите покажале дека умереното внесување кафе (консумирање 3-4 кафиња дневно) има неутрален или потенцијално корисен ефект врз крвниот притисок, срцевата слабост и срцевите аритмии,5
  • Кафето не е забрането дури и при веќе постоечка хипертензија, срцева слабост или срцеви аритмии. Акцентот е ставен врз умереноста при внесување на кафе,5
  • Консумацијата на големи количини кафе може да има сериозни последици (на пример, немир, нарушување на спиењето, кардиоваскуларни болести, смрт).5
  • Cпоред некои студии, консумацијата на нефилтрирано кафе поради неговата содржина на дитерпен, може да придонесе за зголемување на нивото на холестерол во крвта, што може да доведе до кардиоваскуларни болести,4
  • Hе постои значајна разлика во инциденцата на кардиоваскуларни болести помеѓу оние кои пијат кафе со кофеин наспроти оние кои пијат кафе без кофеин.5

 

Дали знаете?

  • Кафето делува поинаку кај оние кои го консумираат само повремено, отколку кај оние кои го консумираат редовно.3,5
  • За оние кои ретко пијат кафе, консумирањето кафе може да предизвика привремено зголемување на крвниот притисок за неколку милиметри живин столб (mmHg). Спротивно на тоа, оние кои редовно пијат кафе, веќе немаат зголемување на крвниот притисок по консумирање на „црниот“ пијалак. Овој феномен може да се објасни со навикнување.5
  • Кафето се апсорбира од гастроинтестиналниот тракт кратко време по консумирањето, во рок од околу 30-45 минути, така што неговото „оживувачко“, освежувачко дејство брзо се чувствува.5

 

Дали е дозволено да се пие кафе?

Во минатото, многу луѓе се плашеа да пијат кафе бидејќи се сметаше дека тоа е поврзано со зголемен ризик од висок крвен притисок и други кардиоваскуларни болести. Меѓутоа, како што се подобруваше знаењето, се покажа дека кафето има неутрален или потенцијално корисен ефект врз крвниот притисок.1,3-5
Така, никој не мора да се откаже од уживањето во едно кафе само затоа што се плаши дека ќе му се покачи крвениот притисок. Уживајте во кафето на паметен и умерен начин!

 

Шолја кафе со апарат за мерење на крвен притисок до него

Користена литература:

  • (1) Caracostea LM, Sirbu R, Busuricu F. Determination of caffeine content Arabica and Robusta green coffee of Indian origin. Eur J Nat Sci Med. 2021;4,1. Return to content
  • (2) https://www.fda.gov/consumers/consumer-updates/spilling-beans-how-much-caffeine-too-much (2) https://www.fda.gov/consumers/consumer-updates/spilling-beans-how-much-caffeine-too-much Return to content
  • (3) Geleijnse JM. Habitual coffee consumption and blood pressure: An epidemiological perspective. Vasc Health Risk Manag. 2008;4(5):963-970. Return to content
  • (4) Kujawska A, Kujawski S, Hajec W et al. Coffee consumption and blood pressure: Results of the second wave of the cognition of older people, education, recreational activities, nutrition, comorbidities, and functional capacity studies (COPERNICUS). Nutrients 2021;13,3372. Return to content
  • (5) Chrysant SG. The impact of coffee consumption on blood pressure, cardiovascular disease and diabetes mellitus. Expert Rev Cardiovasc Ther. 2017;15(3):151-156. Return to content

поврзани статии:

Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.

 

Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2

ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.