Мозочниот удар е често, живото-загрозувачко заболување. Само мал број од преживеаните пациенти се во можност да водат нормален живот по лекувањето, додека другите до крајот на животот мора да се справуваат со преостанати симптоми или инвалидитет од различен степен. Затоа, од суштинско значење е да сме свесни за факторите на ризик и можностите за превенција и да знаеме што да правиме ако ги откриеме знаците на мозочен удар кај себе или кај другите.
Видови на мозочен удар
Постојат две главни форми на мозочен удар . Исхемичен мозочен удар кој настанува заради ненадеен недостаток на проток на крв во артериите на мозокот и хеморагичен мозочен удар кој е предизвикан од крварење од прснат крвен сад. Околу 80 до 85% од мозочните удари се исхемични, што значи дека снабдувањето со крв во мозокот е недоволно и ткивата на мозокот умираат од недостаток на кислород и гликоза .1
Околу 15 до 20% од мозочните удари настануваат заради крварење. Во овој вид на мозочен удар, ѕидовите на крвните садови прскаат и во церебралното ткиво се излива крв. Минливите, т.е. транзиторните исхемични напади (TIA) честопати се сметаат за ран предупредувачки знак за мозочен удар, поради што тие се нарекуваат и мал мозочен удар. При минлив исхемичен напад има недоволен проток на крв во одреден регион на мозокот што ја нарушува церебралната циркулација на крвта, но таа ситуација брзо се решава. За разлика од мозочниот удар, оваа ситуација поминува во рок од 24 часа и не предизвикува трајно оштетување. Како и да е, минливиот исхемичен напад треба да се сфати сериозно и сите пациенти да се однесат во болница за да бидат прегледани.2,3
Честота на мозочниот удар и релевантни фактори на ризик
Мозочниот удар не е присутен само кај постарите лица, туку тој може да ги погоди и младите и средовечни луѓе, па дури и децата. Мозочниот удар е почест кај мажите отколку кај жените. Шансите за мозочен удар се зголемуваат со возраста. Мозочниот удар најчесто се случува наутро, во претпладневните часови. Најчесто настапува заради присуство на неколку од следниве фактори на ризик: хипертензија, високо ниво на холестерол, пушење, атријална фибрилација (аритмии), недоволна физичка активност, гојазност , дијабетес, нарушувања во згрутчувањето на крвта, васкуларна стеноза , мозочен удар кај некој член од семејството.1,3
Оние кои веќе имале мозочен удар имаат 10 пати поголеми ризик за повторен мозочен удар во споредба со здравите лица.
Симптоми на мозочниот удар3
- Слабост во екстремитетите, отрпнатост, парализа (на раката или ногата на едната страна на телото)
- Асиметрија на лицето, асиметрија на устата
- Проблеми со говорот или афазија (неможност да се разберат или формулираат реченици; пациентите со сериозна афазија не разбираат зборови и не можат да зборуваат)
- Визуелно нарушување, двоен вид, губење на видното поле
- Вртоглавица, нарушено одење, проблеми со рамнотежата
- Ненадејна силна главоболка, проследена со дезориентација.
Што да направите ако се сомневате на мозочен удар
Важно е пациентот или некој околу него да ги препознае знаците на мозочен удар, да го запише/запомни времето на појава на симптомите и веднаш да повика итна медицинска помош. Ова може да има големо влијание врз судбината на пациентот бидејќи т.н. временски период е многу мал. Постои период од три часа или, во некои случаи, четири и пол часа од почетокот на симптомите до започнување на ефективно лекување со тромболитичка терапија , што може да го спаси животот на пациентот.4
Прашајте го пациентот три едноставни прашања и следете ја неговата реакција
- Побарајте од пациентот да се насмевне или да ги покаже забите (постои абнормалност ако може да ја движи само едната страна на устата)
- Побарајте од пациентот да ги подигне двете раце (постои абнормалност ако може да подигне само една рака)
- Побарајте од пациентот да каже едноставна реченица. (постои абнормалност ако говорот на пациентот е нејасен, тешко се разбира што зборува или ако не е во можност да зборува)
Лекување
Тромболитичката терапија со која се почнува во првите три часа може да спречи трајно оштетување. Овие третмани се прават во центри за мозочен удар во секоја земја.
Лекувањето вклучува лекови кои влијаат на згрутчувањето на крвта, интервенции за проширување на артериите, лекување на пропратните заболувања, физикална терапија и рехабилитација за да се намалат симптомите што остануваат по мозочниот удар. Закрепнувањето може да трае со месеци, па дури и години.4
Превенција
Промени во начинот на живот (редовно вежбање, нормализирање на телесната тежина, исхрана богата со овошје, зеленчук, морска риба и интегрален леб, чаша квалитетно црвено вино, пиење многу течности), како и лекови за контрола на факторите на ризик, операција и пиење на ацетилсалицилна киселина за да се инхибира слепувањето на тромбоцити . Овие промени го намалуваат ризикот од мозочен удар.5,6
Референци:
- (1) Grysiewicz RA, Thomas K, Pandey DK. Epidemiology of ischemic and hemorrhagic stroke: incidence, prevalence, mortality, and risk factors. Neurol Clin. 2008;26(4):871-vii. doi:10.1016/j.ncl.2008.07.003. Return to content
- (2) Abbott AL, Silvestrini M, Topakian R, et al. Optimizing the Definitions of Stroke, Transient Ischemic Attack, and Infarction for Research and Application in Clinical Practice. Front Neurol. 2017;8:537. Published 2017 Oct 18. Return to content
- (3) Yew KS, Cheng EM. Diagnosis of acute stroke. Am Fam Physician. 2015;91(8):528-536. Return to content
- (4) Powers WJ, Rabinstein AA, Ackerson T, et al. 2018 Guidelines for the Early Management of Patients With Acute Ischemic Stroke: A Guideline for Healthcare Professionals From the American Heart Association/American Stroke Association [published correction appears in Stroke. 2018 Mar;49(3):e138] [published correction appears in Stroke. 2018 Apr 18;:]. Stroke. 2018;49(3):e46-e110. doi:10.1161/STR.0000000000000158. Return to content
- (5) Bailey RR. Lifestyle Modification for Secondary Stroke Prevention. Am J Lifestyle Med. 2016;12(2):140-147. Published 2016 Feb 21. doi:10.1177/1559827616633683. Return to content
- (6) Аспирин® Протект 100 mg, гастрорезистентни таблети; Внатрешно упатство за лекот, август 2020 Return to content
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.