Не е доволно да преживеете миокарден инфаркт , кардиоваскуларен настан или операција на срце, мора да се потрудите тоа да не се повтори.
Секако дека не мора сами да учите како да го направите ова, затоа постои рехабилитацијата. Рехабилитацијата е сложена програма и во овој период на заздравување и закрепнување, повеќе специјалисти соработуваат за да ви помогнат да се вратите во вашиот секојдневен живот. Неколку седмици во болница го продолжуваат животниот век на пациентите, бидејќи така се намалуваат ризиците од повторен инфаркт или повторување на срцевите проблеми.
Срцевата рехабилитација се состои од три фази, и помага во намалување на смртноста, хоспитализациите, здравствената грижа и подобрување на капацитетот на физичка активност, квалитетот на живот и општата благосостојба. Главни компоненти на срцевата рехабилитација се проценката на пациентот, совет за физичка активност, физички вежби/тренинг, совет за исхрана, контрола на факторите на ризик, едукација на пациентот, психолошка поддршка и стручен совет.1
Што е вклучено во рехабилитацијата?
Пациентите мора активно да учествуваат во срцевата рехабилитација . Само така тимската работа на лекарот, медицинската сестра, физиотерапевтот, диететичарот, психологот и фармацевтот, ќе биде ефикасна додека тие му помагаат на пациентот за поздрав начин на живот. Целта е на подолг рок да се минимизира ризикот од друг инфаркт или дополнителни срцеви проблеми. На почетокот на програмата се проценува состојбата на пациентот: лекарот ја проучува медицинската историја на пациентот и ја проверува неговата општа и срцева состојба. Потоа се прави програма за рехабилитација. Таа содржи личен план за вежбање, совети за исхраната, поддршка за прекин на пушењето, психотерапија, вежби за релаксација, запознавање со основите на кардиологијата, програма за срцева рехабилитација, совети за активности во слободно време, за сексуалните односи и за справување со стресот.1
Колку време трае рехабилитацијата?
Рехабилитацијата во болница обично трае 3 седмици. Амбулантската програма е подолга, 8-24 седмици. Толку време е потребно за да се завршат сите елементи на рехабилитацијата.
Проценка на пациентот при лекарски преглед
Вклучува проценка на кардиоваскуарните фактори на ризик, придружните заболувања, психолошкиот стрес, симптомите, адхеренција кон препишаната терапија и физикален преглед кој се состои од мерење на индексот на телесна маса, обем на струкот, крвен притисок, пулс , ЕКГ и лабораториски иследувања.
Совет за физичка активност
Се препорачува пациентот да прави најмалку 2.5 часа неделно аеробни вежби со умерен интензитет поделен во повеќе периоди, секој со траење од најмалку 10 минути во тек на 5 дена во неделата.
Физички вежби/тренинзи
Проценка на капацитетот за физички вежби преку стрес тест во тек на кој нема да се појават симптоми. Овој тест се прави или на ергометарски велосипед или на лента за трчање. Ако не е достапна во клинички услови, се прави евалуација на субмаксимални вежби. Вежбањето мора да биде препорачано врз основа на резултатите од тестовите за физички капацитет на пациентот.
Совет за исхрана
Потребно е да се направи проценка на дневниот калориски внес и содржината на маснотии во исхраната, заситени масти, сол и други состојки.
Контрола на факторите на ризик
Пациентот треба да се охрабри да ја контролира телесната тежина преку соодветно одржување рамнотежа помеѓу физиката активност и калорискиот внес за да се постигне и одржи здрав индекс на телесна маса (<25 kg/m2).
Потребно е да се направи проценка и на липидниот профил и да се модифицира исхраната и лековите кои се земаат, соодветно.
Потребно е редовно мерење на крвниот притисок во мирување. Ако систолниот крвен притисок во мирување е 140 mmHg или дијастолниот крвен притисок е 90 mmHg, потребни се промени во животните навики. Се препорачува вредностите на крвниот притисок да се движат под 140/90 mmHg, идеално 120-130/80 mmHg, особено во присуство на дијабетес или хронично срцево или бубрежно заболување. Ако систолниот крвен притисок е над 140 mmHg или дијастолниот крвен притисок е над 90 mmHg, и покрај промена на животните навики, потребна е терапија со лекови.
Пушачите треба да престанат со пушење цигари и други форми на тутун. Се препорачува следење, приклучување кон специјални програми за одвикнување и/или фармакотерапија .
Живот по рехабилитацијата
Пациентите обично се способни да живеат исполнет живот по срцева рехабилитација, но важно е да се променат ставовите. Мора да го применувате она што сте го научиле за време на рехабилитацијата, за да ги намалите факторите на ризик. Мора да се откажете од пушењето и да пиете алкохол умерено. Може да спортувате, следејќи ги добиените совети за безбедно вежбање. Не е вистина дека не можете да имате сексуален живот после инфаркт, но има одредени срцеви заболувања кои ја попречуваат сексуалната активност, а кардиоваскуларните заболувања понекогаш предизвикуваат и еректилна дисфункција. Сексуалното советување може да ви помогне да ја обновите и одржувате сексуалната хармонија.
Враќање на работа
Срцевите заболувања може да ја намалат работоспособноста. Обемот на ова намалување се проценува за време на рехабилитацијата. Тие може да добијат и психолошка поддршка да се вратат на работа и да се подготват за можноста нивната состојба да не биде прифатена на работното место.
Патување
Не мора да се откажувате од патувањата ако имате кардиоваскуларно заболување. Сепак, треба да следите неколку правила. Секогаш треба да имате доволно лекови со Вас кога патувате и треба да продолжите со Вашиот нов начин на живот во однос на физичкото вежбање, консумирањето алкохол и исхраната. Ако имате срцево заболување, треба на еден лист да ги напишете информациите за итни случаи и секогаш да го носите со Вас. На него треба да ги наведете името на Вашето срцево заболување, името на лекот што го пиете и што треба да се направи кога не Ви е добро.
Возење
Обично е дозволено да возите со вграден пејсмејкер или после инфаркт. Сепак, кај некои срцеви аритмии, постои голем ризик за губење на свеста. Во таков случај, Вашиот кардиолог нема да препорача да возите, а тоа ќе биде наведено и во Вашата здравствена книшка. Професионалните возачи треба да имаат медицински сертификат, а проценката на срцевата состојба е дел од прегледите. За нив, дури и помал ризик може да биде основа за недобивање на сертификат.
Референци:
- (1) Piepoli MF, Corrà U, Adamopoulos S, Benzer W, Bjarnason-Wehrens B, Cupples M, et al. Secondary prevention in the clinical management of patients with cardiovascular diseases. Core components, standards and outcome measures for referral and delivery: a policy statement from the cardiac rehabilitation section of the European Association for Cardiovascular Prevention & Rehabilitation. Endorsed by the Committee for Practice Guidelines of the European Society of Cardiology. Eur J Prev Cardiol 2014; 21: 664-81. Return to content
- (2) Ibanez B, James S, Agewall S, et al. 2017 ESC Guidelines for the management of acute myocardial infarction in patients presenting with ST-segment elevation: The Task Force for the management of acute myocardial infarction in patients presenting with ST-segment elevation of the European Society of Cardiology (ESC). Eur Heart J. 2018;39(2):119-177. doi:10.1093/eurheartj/ehx393. Return to content
- (3) Juhani Knuuti, William Wijns, Antti Saraste. 2019 ESC Guidelines for the Diagnosis and Management of Chronic Coronary Syndromes. Eur Heart J. 2020 Jan 14;41(3):407-477. Return to content
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.