Ако имате мозочен удар , шансите да преживеете зависат од тоа колку брзо ќе добиете медицинска помош. Ова е доволна причина сите да бидат свесни за симптомите при кои е потребно веднаш да повикате итна медицинска помош. Прочитајте ја статијата подолу за да дознаете за лекувањето и негата на пациентите со мозочен удар.
Мозочниот удар е втора најчеста причина за смрт и трета причина за инвалидитет во светот.1 Низ историјата, истакнати луѓе биле жртви на мозочен удар: Ленин, фараонот Рамзес Втори, Хиндел, Сталин, Гоја, Дикенс, Пастер, Черчил, Берлиоз, Волтер и Фелини.2
Шлаканица која удира силно
Мозочниот удар им бил познат уште на старите Грци, го нарекувале апоплексија, а го опишувале како болест при која пациентот паѓал на земја, честопати тоа се случувало нагло, пациентот продолжувал да лежи, сетилата се губеле и немал волни движења. Заради ова, Хипократ заболувањето го нарекол „plesso“, што значи „удрен како од гром“.2 Терминот што го користиме денес потекнува од 16-ти век, кога мозочниот удар се сметало дека е буквално „удар“ од Бога. Денес тоа е колективен термин за мозочни васкуларни настани, односно за функционални нарушувања кои настануваат како резултат на недоволно снабдување на мозокот со крв, таканаречен исхемичен мозочен удар . Во 80 до 85% од мозочните удари, блокирањето на крвен сад доведува до намалена циркулација на зафатениот дел на мозокот, што може да предизвика смрт на дел од мозокот.5
Мозочниот удар, според денешните дефиниции, е клинички синдром кој брзо се развива, а предизвикан е од нарушено снабдување на мозокот со крв и се карактеризира со знаци на глобална или локална дисфункција, трае повеќе од 24 часа или доведува до смрт, при што е утврдено дека нема друга причина освен дисфункција на мозочниот васкуларен систем. Ако невролошките знаци поминат во рок од 24 часа, настанот се нарекува привремена дисфункција на циркулацијата на крв во мозокот (минлив односно транзиторен исхемичен напад , TIA).3
На почетокот од 21-от век, речиси 1.1 милиони луѓе од Европа доживуваат мозочен удар секоја година и од нив 80% се исхемични мозочни удари. Иако глобалната инциденција на мозочен удар опаѓа, сепак таа стапка кај млади лица расте, што укажува на фактот дека е потребна стратегија за подобра превенција .4
Исклучително е важно да се преземат чекори за превенција на мозочен удар, особено преку:
- Редовно вежбање
- Престанок на пушење
- Ефективно лекување на високиот крвен притисок и
- Обезбедување соодветна медицинска терапија за аритмии.
Основни причини
Слично на исхемичната срцева болест, мозочниот удар се појавува заради стврднување на артериите (медицинскиот термин е артериосклероза ). Протокот на крв е ограничен од плаки што се формираат во каротидните артерии во вратот, а може дури и целосно да се блокирани од крвни тромби што се одлепиле од ѕидот на артеријата. Мозочниот удар може да настане и заради тромби што се формирале во срцето или на срцевите залистоци, кои потоа може да се одлепат и како што циркулира крвта да стигнат во мозочните крвни садови, па да ги блокираат истите. Ова најчесто се јавува кај пациенти кои биле подложени на операција на срце или кои страдаат од аритмија наречена атријална фибрилација . На тој начин, срцевиот инфаркт и мозочниот инфаркт се поврзани настани кои произлегуваат од истото заболување, артериосклерозата.5
И покрај тоа што мозочниот удар започнува ненадејно и неочекувано и се развива многу брзо, тој е последица на дисфункција што траела со децении. Исхемичниот мозочен удар (т.е. мозочниот удар предизвикан од блокирање на крвен сад во мозокот) е поврзан со повеќе од двесте фактори на ризик, особено хипертензија, покачен холестерол како последица од нарушувања на липидниот метаболизам , дијабетес, дебелина, аритмија и пушење. Колку повеќе фактори на ризик се присутни, толку се поголеми шансите за мозочен удар.6
Време = мозочно ткиво
Пред да дојде до мозочен удар, пациентите честопати имаат повремени проблеми со говорот или видот или отрпнатост на екстремитетите, кои ги снемува по неколку минути. Ваквото привремено нарушување на циркулацијата, кое во медицинската терминологија се нарекува минлив, т.е. транзиторен исхемичен напад е „предвесник“ на мозочниот удар. Ако пациентот кој ги има овие симптоми веднаш побара лекарска помош, соодветниот третман - операција на каротидната артерија или лекување на аритмијата - може да спречи мозочен удар. За жал, во повеќето случаи, пациентите не ги сфаќаат овие предупредувачки знаци доволно сериозно и затоа по кратко време се жртви на мозочен удар.
Симптомите на еден цереброваскуларен настан се прилично јасни. Еднострана слабост или парализа на екстремитетите, привремено губење на видот во едно око, двојно гледање, губење на видното поле, тешкотии во разбирањето на говорот или при искажување зборови, збунетост, вртоглавица, главоболка и ненадејно губење на свеста, сите тие знаци треба да побудат сомнеж за мозочен удар. Ако некој член на семејство или некој околу вас се насмевнува на чуден, искривен начин, ако има потешкотии да повтори дури и едноставна реченица или не е во состојба да ги крева двете раце, веднаш треба да повикате брза помош.7
Ова е трка со времето, затоа што ако ударт не се лекува во првиот час од јавувањето, мозокот старее за три и пол години, секоја минута умираат 1.9 милиони неврони, а секој час се уништуваат околу 700 km нервни патеки.8 Затоа, кога некој има акутен мозочен удар, треба веднаш да се однесе во болница - по можност во центар за мозочен удар - бидејќи меѓународните истражувања укажуваат на тоа дека за разградување на крвен тромб има период од само три часа од појавата на првите симптоми.9 Времето во овие случаи е непроценливо, затоа интервенција направена само во овој временски период ги намалува шансите за смрт или за сериозни и бројни последици од ударот. Секоја минута е важна, или како што велат лекарите, времето е еднакво на мозочно ткиво. Затоа, без оглед каде се наоѓа пациентот кога се појавуваат симптомите, од огромна важност е тој/таа во најкраток временски период да се транспортира до најблискиот центар специјализиран за лекување на пациенти со мозочен удар.
Што се случува во болница?
Најдобро е пациентот со мозочен удар да се транспортира со возило на итната медицинска помош директно до центар за мозочен удар, бидејќи акутниот исхемичен мозочен удар може најефикасно да се лекува на оддел за мозочен удар. Овие центри се обучени да го минимизираат времето од пристигнување во болница до почетокот на лекувањето, што е од клучно значење бидејќи имаат ограничен временски период.
За да се постави дијагноза , се врши физикален преглед, по што следат повеќе процедури за снимање (ултразвук, компјутерска томографија, магнетна резонанца) за да се утврди точната локација и да се процени степенот и видот на оштетување на мозокот, како и да се утврди дали мозочниот удар настанал заради исхемија (заради блокирање на крвните садови во мозокот) или заради крварење. Во акутната фаза, постојано се следат нервниот статус на пациентот, крвниот притисок, пулсот, дишењето, рамнотежата на течности и електролити, нивото на гликоза во крвта, температурата на телото и други клучни физиолошки параметри.9
Во најдобар случај, сега сме во состојба да спречиме парализа и други оштетувања предизвикани од мозочниот удар или да отстраниме оштетувањата со интравенски лек за разградување на крвни тромби. Голема е ефикасноста и на механичките уреди за отстранување на тромби. Оваа високо-технолошка постапка вклучува ставање на катетер во мозокот преку артеријата за да се отстрани крвниот тромб што го блокира протокот на крв.10
Животот по преживеан мозочен удар
Откако ќе помине акутната фаза и состојбата на пациентот е стабилна, веднаш се започнува со интензивна рехабилитација . Рехабилитацијата има за цел да му овозможи на пациентот да биде самостоен, да оди самостојно, да ја поврати способноста за говор и движење, да го подобри квалитетот на живот и да го реинтегрира во семејството и општеството.11 Оваа повеќестрана активност ја изведува тим за рехабилитација составен од физиотерапевти, логопеди, психолози и други обучени здравствени работници.
За жал, 22% од мажите и 25% од жените умираат во рок од една година по мозочниот удар. Во периодот непосредно по првиот мозочен удар, постои голема веројатност да дојде до уште еден мозочен удар.12 Затоа, една од основните цели во грижата за пациентите со мозочен удар е да се избегне повторна појава на цереброваскуларен настан, но и да се спречат други компликации. Пациентите што доживеале мозочен удар мора да одат на редовни здравствени прегледи и да пијат лекови за намалување на крвниот притисок, за намалување на нивото на холестерол и за инхибиција на слепување на тромбоцитите и формирање на крвни тромби. Можно е да има потреба од операција за да се поправи стеснувањето на каротидната артерија. Прво и основно е дека пациентите мора да се откажат од штетните навики, пред сè пушењето и прекумерната консумација на алкохол, да ја зголемат физичката активност и да воведат здрава исхрана.13
Референци:
- (1) Johnson W, Onuma O, Owolabi M, Sachdev S. Stroke: a global response is needed. Bull World Health Organ. 2016;94(9):634-634A. doi:10.2471/BLT.16.181636. Return to content
- (2) Tsoucalas G, Papaioannou TG, Karamanou M. The Hippocratic Doctrine of "the Acute Brain Suffering" as the Brain Stroke. J Stroke Cerebrovasc Dis. 2019;28(2):412-417. doi:10.1016/j.jstrokecerebrovasdis.2018.10.017. Return to content
- (3) Abbott AL, Silvestrini M, Topakian R, et al. Optimizing the Definitions of Stroke, Transient Ischemic Attack, and Infarction for Research and Application in Clinical Practice. Front Neurol. 2017;8:537. Published 2017 Oct 18. doi:10.3389/fneur.2017.00537. Return to content
- (4) Béjot Y, Bailly H, Durier J, Giroud M. Epidemiology of stroke in Europe and trends for the 21st century. Presse Med. 2016;45(12 Pt 2):e391-e398. doi:10.1016/j.lpm.2016.10.003. Return to content
- (5) Knight-Greenfield A, Nario JJQ, Gupta A. Causes of Acute Stroke: A Patterned Approach. Radiol Clin North Am. 2019;57(6):1093-1108. doi:10.1016/j.rcl.2019.07.007. Return to content
- (6) Grysiewicz RA, Thomas K, Pandey DK. Epidemiology of ischemic and hemorrhagic stroke: incidence, prevalence, mortality, and risk factors. Neurol Clin. 2008;26(4):871-vii. doi:10.1016/j.ncl.2008.07.003. Return to content
- (7) Yew KS, Cheng EM. Diagnosis of acute stroke. Am Fam Physician. 2015;91(8):528-536. Return to content
- (8) Saver JL. Time is brain--quantified. Stroke. 2006;37(1):263-266. doi:10.1161/01.STR.0000196957.55928.ab. Return to content
- (9) Powers WJ, Rabinstein AA, Ackerson T, et al. 2018 Guidelines for the Early Management of Patients With Acute Ischemic Stroke: A Guideline for Healthcare Professionals From the American Heart Association/American Stroke Association [published correction appears in Stroke. 2018 Mar;49(3):e138] [published correction appears in Stroke. 2018 Apr 18;:]. Stroke. 2018;49(3):e46-e110. doi:10.1161/STR.0000000000000158. Return to content
- (10) Campbell BC. Thrombolysis and Thrombectomy for Acute Ischemic Stroke: Strengths and Synergies. Semin Thromb Hemost. 2017;43(2):185-190. doi:10.1055/s-0036-1585078. Return to content
- (11) Winstein CJ, Stein J, Arena R, et al. Guidelines for Adult Stroke Rehabilitation and Recovery: A Guideline for Healthcare Professionals From the American Heart Association/American Stroke Association [published correction appears in Stroke. 2017 Feb;48(2):e78] [published correction appears in Stroke. 2017 Dec;48(12 ):e369]. Stroke. 2016;47(6):e98-e169. doi:10.1161/STR.0000000000000098. Return to content
- (12) Jonathan B. Towne, Larry H. Hollier. Complications in Vascular Surgery, Second Edition. CRC Press, 2004. Return to content
- (13) Bailey RR. Lifestyle Modification for Secondary Stroke Prevention. Am J Lifestyle Med. 2016;12(2):140-147. Published 2016 Feb 21. doi:10.1177/1559827616633683. Return to content
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.