Многу истражувања досега се обидоа да дадат одговор на прашањето дали постои поврзаност помеѓу времетраењето и квалитетот на спиењето и развојот на кардиоваскуларни болести. Некои од нив покажаа дека не е важно само колку долго спиете, туку и кога заспивате. Подобрете ги вашите навики за спиење, надминете ги нарушувањата во спиењето и помогнете и на тој начин во превенција на кардиоваскуларните болести.
Во текстот подолу ќе можете да дознаете повеќе.
Кој режим на спиење може да го зголеми кардиоваскуларниот ризик?
Кардиоваскуларните болести, вклучително и коронарната артериска болест и мозочниот удар, се водечки причини за смрт во светот. Некои истражувања покажуваат дека нездравите навики за спиење може да играат улога во развој на кардиоваскуларни болести. Но, за кои навики конкретно станува збор?
- Ако спиењето е прекратко или предолго,
- ако сте доцен хронотип (личност „ноќен був“ која доцна се буди и доцна заспива),
- ако патите од несоница,
- ако 'рчите или
- ако спиете во текот на денот.
Сето ова може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести за 10% до 40% (3).
Зошто треба да се внимава кога да се оди на спиење?
Резултатите од една студија спроведена во Обединетото кралство Англија кај 88 000 возрасни лица, во периодот помеѓу 2006 и 2010 година сугерираат дека, покрај квалитетот и времетраењето на спиењето, и времето кога одиме да спиеме може да игра улога во развојот на кардиоваскуларни болести, особено кај жените (1,2).
Како се објаснува оваа поврзаност?
Општо е познато дека нашето тело работи како 24-часовен внатрешен часовник, со таканаречен „ циркадијален ритам “, кој помага во регулирање на нашето физичко и ментално здравје. Истражувањата покажуваат дека раното или доцно заспивање веројатно ќе го наруши биолошкиот часовник на телото, што може да има негативни последици врз кардиоваскуларното здравје (1,2).
Резултатите од студијата од Англија покажале дека, луѓето кои легнуваат порано или подоцна од периодот помеѓу 22:00 до 23:00 часот, може да имаат и до 25% зголемен ризик од кардиоваскуларни болести. Анализата покажала дека поврзаноста на времето на заспивање и појава на кардиоваскуларните болести е поизразена кај жените (1,2).
Зошто квалитетот на спиењето е важен за луѓето кои имаат наследна предиспозиција за кардиоваскуларни заболувања?
И наследната предиспозиција игра важна улога во развојот на кардиоваскуларни заболувања. Луѓето со семејна историја за вакви болести, треба да внимаваат на должината и квалитетот на спиењето.
Британска студија ја истражувала поврзаноста помеѓу карактеристиките на спиењето и генетската предиспозиција за појава на кардиоваскуларни болести (3,4). Студијата ги следела навиките за спиење кај 385 292 учесници без кардиоваскуларни болести, и со помош на прашалници ги оценувала учесниците кои самостојно ги пополнувале тие прашалници. Врз основа на одговорите, испитаниците потоа биле групирани во посебни групи според квалитетот на нивното спиење. (4)
По 8,5 годишно следење, кај учесниците од студијата кои поседувале карактеристики на здраво спиење било откриено дека ризикот од развој на кардиоваскуларни болести е намален. Луѓето со најздрави навики за спиење, имале речиси 35% помал ризик за развој на кардиоваскуларни болести, коронарна артериска болест и мозочен удар . (3)
Резултатите од студијата покажале и дека, најголем ризик од појава на коронарна артериска болест и мозочен удар имале учесниците со висок генетски ризик и лоши навики на спиење. Кај нив, 2,5 пати била поголема веројатноста да развијат коронарна артериска болест, споредено со лицата со низок генетски ризик и здрави режими на спиење (3).
Оттука може да се заклучи дека постои поврзаност помеѓу карактеристиките на спиењето и кардиоваскуларните настани. Затоа, потребно е да се посвети внимание на надминување на нарушувањата во спиењето, па и на тој начин да се помогне во примарна превенција на кардиоваскуларните болести, без оглед на наследната предиспозиција на лицето (4).
Што може да направите за да го одржите срцето здраво?
- Спијте непрекинато најмалку 7 до 8 часа за телото добро да се одмори.
- Одете на спиење во исто време секоја вечер, не предоцна, и потрудете се да станувате во исто време секое утро.
- Можеби ќе биде неопходно да се справите со стресот, а за таа цел може да побарате стручна помош.
- Ако имате постојано нарушување на спиењето, треба да се консултирате со специјалист кој ќе ви помогне да ги надминете овие нарушувања.
- Ако се посомневате на кардиоваскуларни болести, закажете лекарски преглед што е можно поскоро.
- Ако имате дијагностицирана кардиоваскуларна болест, следете ги советите на вашиот лекар, редовно земајте ја препишаната терапија и променете го вашиот животен стил.
Референци:
- (1) ) https://www.escardio.org/The-ESC/Press-Office/Press-releases/Bedtime-linked-with-heart-health (2022.01.18) (1) ) https://www.escardio.org/The-ESC/Press-Office/Press-releases/Bedtime-linked-with-heart-health (2022.01.18) Return to content
- (2) Nikbakhtian S.at al, European Heart Journal - Digital Health (2021) 2, 658–666 Return to content
- (3) http://otszonline.hu/cikk/alvasminoseg_es_kardiovaszkularis_kockazat (2022.01.18) (3) http://otszonline.hu/cikk/alvasminoseg_es_kardiovaszkularis_kockazat (2022.01.18) Return to content
- (4) Fan M at al, European Heart Journal (2020) 41, 1182–1189 Return to content
PP-ASP-MK-0074-1 18.02.2022
поврзани статии:
Аспирин® Протект 100, 100 mg гастрорезистентни таблети Лекот може да се издава и/или продава без рецепт.
Bayer d.o.o. Љубљана- Претставништво Скопје
Антон Попов 1, лок 4 мез., лам 2
ПРЕД УПОТРЕБА ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ ПРОЧИТА УПАТСТВОТО! ЗА ИНДИКАЦИИТЕ, РИЗИКОТ ОД УПОТРЕБАТА И НЕСАКАНИТЕ ДЕЈСТВА НА ЛЕКОТ КОНСУЛТИРАЈТЕ СЕ СО ВАШИОТ ЛЕКАР ИЛИ ФАРМАЦЕВТ.